Постови:4
Коментари:0
Датум:26.09.2016


Британска поддршка за реформи во јавната администрација

 

Скопје, 8 август 2011

Воведување нови политики и напредни техники за учење и развој на вработените во јавниот сектор со цел поттикнување на мобилноста во јавната службa и подобрување на организацијата на работата, е една од трите приоритени области на кои ќе работи во наредните две години Министерството за информатичко општество и администрација со поддршка на Британската влада.

 

Тоа го најави денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски кој со британскиот амбасадор Кристофер Ивон потпиша Меморандум за соработка со Владата на Велика Британија на проектот „Поддршка за реформите во јавната администрација“.

Со проектот, што ќе почне на 1 септември годинава и ќе се спроведува до март 2013 година, е обезбедена помош во износ од 400 илјади фунти од британскиот фонд  DIV, Reuniting Europe.   

 

Според Ивановски, прв пат ќе бидат креирани програми за обука и стручно усовршување со кои ќе бидат опфатени голем број функционери, особено во делот на управување и водење на институциите.

Амбасадорот Ивон истакна дека Велика Британија е голем поддржувач на аспирациите на Македонија за членство во ЕУ и оти има што да понуди во реформите на македонската јавна администрација.

 

- Еден дел од меморандумот што го потпишавме денеска се однесува на воведување унифициран систем  за развој на човечки  ресурси, преку тренинзи и обуки. Тоа е еден дел кој  британската јавна администрација смета дека е многу корисен, односно воведувањето систем на оценување според поседување работни квалитети е нешто што ќе ја унапреди  јавната администрација, рече Ивон, изразувајќи надеж дека и Македонија ќе ја увиди користа од воведувањето на системот.  

Одговарајќи на новинарско прашање за ефикасноста на јавната администрација, Ивон посочи дека  според неговото искуство во Велика Британија, колку и да е добра администрацијата, секогаш може да работи подобро. Затоа треба постојано да се работи на нејзиниот развој и тоа е процес кој не треба да запре, укажа Ивон.

Во однос на бројноста на администрацијата британскиот амбасадор смета дека секоја држава треба да утврди колкав број и е потребен, но тоа да не се прави според глава на жител.  

 



Според министерот Ивановски, конкретните реформи во македонската јавна администрација почнале пред седум месеци, а ефикасноста на администрацијата ќе биде се повеќе забалежана од граѓаните со воведувањето на новите информатички техниологии.

-  Со сите мерки и проекти кои ги преземаме и тие што ќе следат од денешниот меморандум за соработка најголемо очекување имаме кон крајот на годинава бидејќи дел од почнатите проекти ќе бидат реализирани, законите се веќе во сила, ќе има поголема мобилност во администрацијата и ќе можеме за наредната година со полна пареа да реализираме уште повеќе проекти кои цениме дека се значајни за граѓаните на Македонија, рече Ивановски.

 

Поддршката од Велика Британија, согласно Меморанудмот, ќе се реализира и во зајакнување на капацитетите на МИОА за поефикасно управување и следење на реформата на јавната администрација и воведување модел за управување со човечки ресурси заснован на компетиции. Сите области од Меморандумот, според министерот Ивановски, се во насока на остварување на Стратегијата за реформа на јавната администрација, која ја усвои неодамна Владата.

Комитетот за реформи во јавната администрација предложи систем кој ќе го определува оценувањето на службениците

Скопје, 13 октомври 2011

Комитетот за реформи во јавната администрација при Владата на Република Македонија, денеска одржа состанок на кој се разгледуваше Стратегијата за реформи на јавната администрација и акционите планови за нејзина имплементација.

 

Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, Комитетот донесе препорака да се предложи систем кој го определува оценувањето на јавната администрација и тој да биде разгледан на владина седница.

 

Членовите на Комитетот ги разгледуваа модалитетите за унапредување на системот за оценување на вработените во јавната администрација, при што беа акцентирани можностите за вертикално оценување од страна на непосредното раководно лице на организационата единица, вертикално оценување на раководното лице од лицето што работи за него, како и можностите за хоризонтално оценување на административците од страна на колегите кои извршуваат слични работни задачи во рамките на службата. Оние вработени кои што се во директен контакт со граѓаните, ќе бидат оценети и од граѓаните.  

 

Комитетот го разгледа напредокот на државните институции и органи за имплементирањето на системот за размена на документи по службена должност за потреби од значење за граѓаните. Ова, како што се потсетува, значи дека граѓаните повеќе не се  обврзани да ги обезбедуваат дополнителните документи за определена потреба, туку оти со самото поднесување на иницијален документ за определена потреба, државните институции и органи ќе имаат обврска да ги обезбедат сите останати потребни документи кои ги издаваат други органи и институции.

 

На седницата е разгледувано и прашањето за понатамошно унапредување на проектот Е-владеење, кој беше позитивно оценет од страна на Европската комисија, во насока на унапредување на можностите и перформансите на системот за уште поефикасно и поефективно сервисирање на јавните потреби.

 

Комитетот разгледуваше и останати прашања во насока на изградба на модел за професионална, деполитизирана и стручна администрација, со особен осврт на прецизирање на системот на влез и кариерен напредок на административците, преку системот на компетенции, знаења и вештини.

Прикажани резултати 2.