Постови:4
Коментари:0
Датум:26.09.2016

.


Презентиран Акциониот план од четвртата фаза на регулаторната гилотина „Предност за малите„

 

Скопје, 04 јули 2012

Министерот за информатичко општество и администрација, м–р Иво Ивановски, денес пред претставниците и членките на Сојузот на Стопанските комори на Македонија, го презентираше Акциониот План со предлог мерките од четвртата фаза на регулаторната гилотина „Предност за малите„. Станува збор за 40 мерки од пристигнатите 109, кои произлегоа од работните средби со бизнис заедницата, а во насока на поедноставување на процедурите и условите за работа на малите компании во земјата.

 

„Првата фаза од регулаторната гилотина е целосно завршена, втората е спроведена во 74, а третата во 73 проценти и преостануваат уште неколку мерки со кои ќе се заокружи нивното спроведување. Предлог мерките од четвртата фаза кои се однесуваат на малите и средните претпријатија, ќе ги спроведуваат повеќе органи на државна управа, како што се Министерствата за внатрешни работи, за економија, за земојоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за катастар и други.„ – изјави по презентацијата министерот Ивановски.

 

Мерките треба да опфатат поефтинување на услугите за издавање на документи, лиценци, дозволи и одобренија, потоа намалување на рокови за нивно добивање, како и унапредување на квалитетот на услугите во областа на малиот бизнис.

 

Министерот Ивановски изјави дека Централниот регистар во иднина ќе издава еден документ за сите потреби на претприемачите и мерки со кои ќе се овозможи спојување на градежни парцели во една, со цел приватните  градежни компании побрзо да градат.

 

„Поголем дел од мерките се со рок на реализација до октомври годинава, а дел од нив ќе треба да се спроведат до 30 јуни 2013 година.„- рече министерот Ивановски.

 

Претседателот на Сојузот на Стопанските комори на Македонија, Златко Калеников, истакна дека овие предлог мерки претставуваат жива материја, која во наредниот период постојано ќе се надградува и дополнува, а со цел да се подобри деловната клима во Република Македонија, пред се на малите и средните претпријатија.

Регулаторна гилотина – фаза IV

Министерството за информатичко општество и администрација, како институција надлежна за спроведување на реформите во јавната администрација, започна со спроведување на Регулаторна гилотина – фаза 4 „Предност за малите“ која е фокусирана на поедноставување на условите за работа на малите и средни претпријатија.

 

Со цел поефективно планирање и спроведување на овој проект, а заради вклучување на засегнатите страни, Министерството изработи образец за доставување на предлози за поедноставување и елиминирање на административните бариери, поврзани со административните постапки при работата на малите и средни претпријатија. Податоците кои ќе се соберат од пополнетите обрасци од страна на оваа целна група ќе се користат за дефинирање на мерки за редуцирање на административните бариери со кои се соочуваат малите и средни претпријатија, а кои мерки ќе се усвојат од страна на Владата на Република Македонија и спроведат од страна на инволвираните институции.

 

Со оглед на заедничкиот интерес за спроведување на овие активности кои се од посебно значење за развој на приватниот сектор, Ве охрабруваме да го пополните образецот за доставување на предлози за поедноставување и елиминирање на административните бариери и да го доставите во електронска форма на е-пошта: regulatorna.reforma@mioa.gov.mk.

 

Образецот за доставување на предлози за поедноставување и елиминирање на административните бариери можете да го симнете тука или да го пополните објавениот веб формулар

 

Пополнетиот образец можете да го доставите и хартиено на следната адреса:

 

Министерство за информатичко општество и администрација

ул. Мито Хаџивасилев – Јасмин бб, 1000 Скопје,

(со назнака: Регулаторна гилотина  - четврта фаза).

 

Рокот за доставување на обрасците е 01.03.2012 година.

Прикажани резултати 2.